
Австрија е зафатена од нов топлотен бран кој се очекува да трае уште неколку дена. Австриската агенција за здравје и безбедност на храната (АГЕС) за првпат уште во текот на летото објави проценка за вишокот стапка на смртност поврзана со високите температури.
Според АГЕС, во јуни годинава околу 395 лица починале како последица на горештините. Ова е највисокиот регистриран број за месец јуни од почетокот на споредбените анализи во 2017 година, соопшти Министерството за здравство.
Досегашниот негативен рекорд за јуни беше во 2019 година, кога беа евидентирани 335 смртни случаи поврзани со топлотниот бран. Во јуни минатата година нивниот број изнесуваше 170, додека во јуни 2024 година беа забележани 201 случај. Податоците се базираат на научен статистички модел развиен од АГЕС.
Не постои директна статистика за луѓето починати од екстремни горештини, бидејќи „топлотниот бран“ ретко се запишува како официјална причина за смрт. Сепак, високите температури можат да ги влошат постојните здравствени состојби, како што се кардиоваскуларните и белодробните заболувања.
Затоа експертите ја користат статистиката за вишокот смртност. Бројот на починати во периодите со екстремни горештини се споредува со просечните вредности за истиот период. Разликата го претставува приближниот број смртни случаи кои веројатно се поврзани со високите температури.
За целиот летен период во 2025 година (јуни – септември) беа проценети 449 смртни случаи поврзани со горештините. Во текот на особено топлото лето во 2024 година, оваа бројка достигна 989, што е највисока вредност од почетокот на набљудувањата во 2017 година.
Досега АГЕС ги објавуваше овие податоци на есен, бидејќи пресметките се прават со задоцнување со оглед на тоа што статистичкиот модел ги зема предвид и одложените здравствени последици од високите температури.
Сепак, невидените топлотни бранови годинава очигледно доведоа до промена во пристапот, веројатно и под притисок на Министерството за здравство. Од министерството нагласуваат дека високиот број жртви е директно поврзан со необично високите температури во текот на јуни.

