Skip to main content
Македонија

ВМРО-ДПМНЕ ќе биде апсолутен победник на локалните избори, смета Мицкоски

09/02/2025  14:05

„Јас сум реален оптимист дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата којашто ќе ја предводи ќе биде апсолутен победник на локалните избори кои треба да се одржат во првата половина на октомври, годинава“, изјави премиерот Христијан Мицкоски кој се повика на партиските анкети на јавното мислење според кои предноста на владејачката коалиција е 4:1 во однос на вторангираната партија.

Премиерот тврди дека според резултатите од мерењата, владејачката коалиција бележи сѐ подобар резултат.

– И ценам дека досега од тие бројки, кои што ги имаме, од месец во месец сме се подобри. Јануари беше подобар од декември којшто беше најдобар. На последната теренска анкета којашто ја добив, рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија беше над 30%, а втората партија беше со рејтинг од 6,8%. Така што сега ако порано зборувавме за предност од 3:1, сега е повеќе од 4:1 и очекувам тој тренд да расте до одредено ниво и потоа да се стабилизира бидејќи ќе биде исцрпен капацитетот, тоа е волуменот на гласачи – рече Мицкоски на новинарско прашање по стартот на реконструкција на сквер во Општина Аеродром.

Што се однесува до имињата на потенцијалните кандидати за градоначланици, во тек е внатрепартиската процедура, при што како што нагласи, ќе биде земено предвид мислењето на членството, како и мислењето на граѓаните, од кое ќе се направи симбиоза по што ќе излезат со имињата на кандидатите пред органите на партијата.

Премиерот го посети скверот зад трговскиот центар „Капитол“ во Општина Аеродром, во чест на почетокот градежните работи за санација и реконструкција во Општина Аеродром, во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, во организација на Министерството за локална самоуправа.