Skip to main content
Македонија

Влада: Се прават подготовки за пуштање на топловодната мрежа за грејната сезона

03/10/2025  12:50

Грејната сезона 2025/2026 за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во градот Скопје официјално започнува на 15 октомври. Согласно постојните прописи, испораката на топлинска енергија може да започне и порано – конкретно, од 1 октомври – доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи.

Топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години, претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.

За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија”.

Оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем.

На крајот, модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија. Подготвителните активности за реализација на овој проект се во тек, информираат од прес службата на Владата.