Skip to main content
Македонија

Вкрстено испитување на сведок од ФЗО во предметот „Онкологија 2“

18/12/2025  16:44

Судењето за предметот „Онкологија 2“ денеска продолжи во Основниот кривичен суд – Скопје со вкрстено испитување на сведок, поранешен финансиски раководител во Фондот за здравствено осигурување, предложен од обвинителството. Обвинението ги товари поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, и економскиот директор Нехад Нухи за незаконски набавки на лекови, нивно прикривање преку фиктивни тендери и присвојување дел од терапијата. Бранителот Вељо Кадиев, преку низа прашања, се осврна на начинот на планирање на буџетот за терапија, процедурите за јавни набавки и улогата на Фондот и Министерството за здравство во давањето согласности.

Во сведочењето беше посочено дека на состаноците се укажувало на потребата од дополнителни средства поради растечкиот број пациенти кои примаат терапии што не се на позитивната листа. Сведокот наведе и дека значително зголемување на долговите на Клиниката било евидентирано кон крајот на 2021 година. Во однос на одлуките за доделување биолошка терапија, сведокот истакна дека директорите немале можност да селектираат пациенти, бидејќи тоа би претставувало дискриминација, додавајќи дека „нема стручен конзилиум кој требало да одлучува кои пациенти ќе ја добијат терапијата“.

На прашање дали прекинот на терапијата може да го загрози животот на пациентите, тој одговори потврдно. Сведокот објасни дека јавните набавки се спроведуваат согласно законската регулатива и дека кога лековите се од единствен производител „начелото на конкуренција не може да биде повредено бидејќи не постои конкуренција“. Тој појасни и дека за лекови кои не се на позитивната листа, установите биле упатени да користат привремена шифра 999 999 при фактурирањето. Рочиштето беше прекинато поради отсуство на член на Судскиот совет, а судот одлучи вкрстеното испитување да продолжи на наредната расправа закажана за 23 јануари 2026 година. Според обвинението, во периодот од 2018 до 2022 година, со незаконски дејствија е направена штета на државниот буџет од речиси 36 милиони евра. Обвинетите ја отфрлаат вината и тврдат дека постапката има политичка позадина. Паралелно со овој предмет, се води и случајот „Онкологија 1“, кој се однесува на наводно несовесно лекување пациенти.