
“Несудена” е насловена првенец песната на младиот македонски пејач Деан Коцевски, кој допрва ќе го бара своето место на македонската музичка сцена.
Песната е рок балада која веруваме ќе ве освои од прва, а е комплет музичко дело на пејачот, кој иако подолго време живее и работи во Виена, Австрија, сакаше на Македонците да им подари една прекрасна песна на македонски јазик.
Роден е во Скопје, но досега не се занимавал со музика, вели од секогаш имал желба да сними песна, па таа желба сега конечно му се оствари. Вели: Спремен бев да купам авторски права од некоја хит песна и да снимам кавер. Ама испадна уште подобро.
Запрашан за тоа од каде ја пронашол испирацијата за оваа убава рок балада, тој вели дека мелодијата сама излегла од него, а целиот негов живот има влијание на тоа.
“Веќе некое време, со пријател, изнајмуваме соба за проба, па поминуваме таму 2 – 3 часа во денот, два пати неделно. Еден ден додека свиревме, Тоби, голем поздрав до него, излезе да се јави на телефон, а јас продолжив да свирам. И во тој момент ја отсвирев мелодијата. За неколку дена музиката беше готова. Кога им ја пуштив на сестра ми и другарите, ми прашаа “Па зошто не ја снимиш?”. Шок ми се случи! Тогаш почнав да работам на текстот и еве го резултатот. Многу важно е да напоменам дека Дино Зукиќ – голем поздрав и до него, кој стои зад аранжманот и продукцијата Dino’s Home Studio, беше од огромна помош низ целиот проект, што ми е од огромна важност, бидејќи ми беше прво вакво искуство, вели Коцевски за 24Инфо.
Вели од секогаш бил музикален, и многу ја сака македонската изворна песна, но исто така ужива и во рок и џез, поради тоа не сака да се ограничува жанровски, затоа што слуша сè што е убаво за уво.
За текстот вели мора да признае дека малку повеќе се потрудил. Пишува и поезија, но ова за него било нешто сосема ново.
“Треба да има и ритмика, временски рамки, и згора на се треба да има смисла и приказна. Бидејќи музиката беше готова, додека работев на текстот се трудев да ја доловам истата емоција која ја наметнува музиката, емоционална рок балада, па да, може да се каже дека се послужив со чувства од лични искуства, со добра доза на имагинација”, додава Деан.
Токму поради тоа што се работи за тажна љубовна песна го запрашавме и дали некому му ја посветува оваа песна на што вели:
“Јас сум оптимистичен тип. Секогаш гледам напред, што било поминало, и сè се случува со причина. Од тој аспект, не би сакал да ја посветам на никого песната, а ако некоја се пронајде во дел од песната и мисли дека е дел од мотивацијата, нека го земе тоа како комплимент затоа што сите сме различни и уникатни – “ниедна не е како ти”, како што вели и дел од песата.
Песната е дистрибуирана до сите музички платформи, а со еден клик на линкот ТУКА можете да изберете да ја слушате на една од шестте најпознати мзички платформи, но сепак се надева дека наскоро ќе биде промовирана и ќе може да се слушне и на некое наше радио.
Ова е само почеток и допрва ќе слушаме за неговото име, иако оваа негова прва песна излезе пред само неколку недели вели втората песна е веќе при крај!
“Да! Би сакал да продолжам со компонирање, се надевам ќе најдам инспирација! За сега изгледа позитивно – втората песна е при крај, можам да ви откријам дека ќе биде повесела, позитивна, и повторно во рок стил. Музиката и текстот се мои, Тоби ми помага со солажи, и ќе ја снимиме и објавиме заедно”, ни открива Коцевски на крајот.
Ние му посакуваме среќа, бидејќи на Македонија и е потребна повеќе квалитетна музика, и истата треба да ја негуваме и шириме каде и да одиме!
Наталија Јосифоска