
Правдата и вистината да излезат на виделина, побараа денеска родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ на 28. „Марш за ангелите“, чиј почеток и овој пат беше од „Паркот на Револуцијата“ во Кочани. При нивното марширање во Трговскиот центар, каде се лоцирани повеќето од кафулињата во градот, гостите, претежно тинејџери, станаа од своите места и со молк им оддадоа почит на загинатите во мартовската трагедија.
На кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, мајка на починато момче, имаше петнаесетминутно обраќање, во кое, покрај другото, рече дека им е доста од неказнивост, од корупција и од молк.
– Каде се институциите? Каде е системот што требаше да не штити? Каде беа тие што седат во своите луксузни канцеларии, во меките фотелји, платите што ги земаат од народни пари — а не видоа, не слушнаа, не почувствуваа дека пред нив се создава однадвор шупа, а внатре замок на монструм, запраша Манта Стојменова, мајка на Спире Стојменов, починат во пожарот во кочанската дискотека.
Протесниот марш, откако претходно ги помина Трговскиот центар, просториите на УЈП и Полициската станица, продолжи кон зградата на Основниот суд и Обвинителство во Кочани, каде на влезната врата од оградата на овие институции, беа оставени фотографии од починатите во пожарот од 16. март.
Протестниот марш на родителите и нивните подржувачи заврши во „Паркот на Револуцијата“.

