Skip to main content
Спорт

Вилнев: Ако Верстапен замине од Формула 1, никој нема да забележи

15/01/2025  10:17

Светскиот шампион во Формула 1 од 1997 година, Жак Вилнев не ги разочара своите фанови со уште една своја чудна изјава, овој пат за „Екшн нетворк“. Канаѓанецот е познат по своите отворени изјави и смели тврдења, од кои повеќето други аналитичари едноставно не се осмелуваат да ги кажат пред медиумите.

-Изјавата на Бријаторе дека не гледа логика во доведувањето на Луис Хамилтон во Ферари е многу кратковидна. Погледнете ја само цената на акцијата на Ферари во моментот кога објавија дека Луис Хамилтон доаѓа кај нив. Ферари не е само тркачки тим, тоа е цела индустрија. Да, Ферари сака да победува, но победата им помага да продаваат повеќе сериски автомобили и ја зголемуваат вредноста на компанијата. Затоа доведувањето на Хамилтон беше најдобрата одлука на Ферари, истакна тој.

Канаѓанецот го појасни и своето мислење за Хамилтон, бидејќи фановите неколку пати го прашуваа за тоа.

-Трансферот на Хамилтон од Мерцедес во Ферари е најголемата зделка од преминот на Михаел Шумахер од Бенетон во Ферари. Без разлика на резултатите од трките, Луис Хамилтон е најголемиот возач во историјата на Формула 1 само поради сите следбеници што ги има. Луис е уникатен и различен, неговиот имиџ и слава ја надминуваат Формула 1, што не може да се каже за многу други возачи, смета поранешниот Ф1 пилот.

И така доаѓаме до неизбежната споредба во последните години меѓу Хамилтон и светскиот шампион во последните 4 години, Макс Верстапен.

-Ако Верстапен ја напушти Формула 1, никој нема да се грижи, никој нема да забележи. Ако Хамилтон замине, сите ќе забележат. Луис во Ферари е најголемиот трансфер, а Ферари е најголемиот бренд во светот. Одлично е кога имаш можност да го собереш се што е најдобро на едно место, истакна Вилнев.