Skip to main content
Македонија

(Видео) Граѓански форум „Секој еден, да не биде следен“ пред ЗОО Скопје

09/02/2025  18:15

Денеска напладне се одржа јавен граѓански форум под мотото „Секој еден да не биде следен“.

Граѓани предоведни од иницијативата „Кој е следен“ се собраа на крстосницата пред скопската Зоолошка градина каде дебатираа за состојбите во сообраќајот, по трагичното прегазување на младата Фросина Кулакова.

Игор Антов од „Кој е следен“ истакна дека целта на форумот е да се развијат конструктивни решенија за како нашите градови во иднина, но и сега да станат побезбедни места за живеење за сите.

„Сакаме да веруваме дека е можно да се направат системски промени и се надеваме дека денешниот форум ќе развие конкретни барања, кои после тоа ќе бидат артикулирани за пошироката јавност.“ порача тој.

За состојбите во сообраќајот во Скопје зборуваше и Ива Петрунова, експертка и консултат, која укажа дека улиците но и тротоарите низ Скопје се главно небезбедни за пешаците, уште поголем проблем е лошиот јавен превоз.

„Градовите се наши и краен момент е да сфатиме дека граѓаните се оние кои го имаат градот. Градот припаѓа на сите нас. Еден од главните и клучните проблеми во градската безбедност е нашето лошо решение, односно катастрофално решение на јавниот превоз.“ порача таа.

Инаку вчера во Неготино се одржа протестен собир во знак на револт од прегазувањето на Фросина Кулакова, а следниот протест во Скопје е закажан за 16 февруари.