Skip to main content
Балкан

(Видео) Белград на нозе, протестираат десетици илјади граѓани

22/12/2024  17:05

Илјадници луѓе попладнево излегоа на нов протест во Белград.

На студентите кои повикаа на протест, им се приклучија и здравствени работници, земјоделци, актери, граѓани.

Сите тие бараат одговорност за трагедијата во Нови Сад, но и гонење на насилниците кои со недели провоцираат на мирните блокади.

По петнаесетминутниот молк од 16:30 до 16:45 часот, со кој ќе им се оддаде почит на жртвите на Железничката станица во Нови Сад, од 16:45 до 18:00 часот ќе бидат изведени студентски претстави.

Секојдневно во Србија студенти, ученици и граѓани застануваат по 15 минути на градските сообраќајници, со цел да им оддадат почит на жртвите од падот на бетонската настрешница на Железничката станица во Нови Сад.

Блокирани се над 50 факултети на четири државни универзитети, неколку ректорати и десетици средни училишта.

За потсетување, 15 лица загинаа, а двајца беа тешко повредени во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.

Во текот на предистражната постапка, Вишото јавно обвинителство сослуша повеќе од 100 лица и нареди полицијата да поднесе кривична пријава против 13 осомничени.

По рочиштето, судот одреди притвор за 11 осомничени и куќен притвор за две лица, а на поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ неколку дена подоцна му беше укинат притворот.