Skip to main content
Македонија

Вицепремиерот Фетаи исчезна од Владата, па се јави од Тајланд

29/04/2026  23:10

Вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи, повторно го привлече вниманието на јавноста откако по повеќе од еден месец отсуство од владините седници се огласи преку социјалните мрежи со фотографија од Бангкок, Тајланд.

Иако Фетаи подолг период не се појавувал на работното место, тој и натаму официјално ја извршува функцијата и не е разрешен. Неговата последна објава на Фејсбук доаѓа по пауза од околу 40 дена, период во кој беше целосно отсутен од јавниот живот и недостапен за прашања поврзани со неговите работни обврски.

Информациите за неговото отсуство ги потврди и министерот за здравство Азир Алиу, негов коалициски партнер од „Вреди“. Според партиски извори, Фетаи во изминатиот период престојувал во Белгија каде бил во посета на своето семејство, не присуствувал на владините седници и не одговарал на телефонски повици и новинарски прашања.

Политичката позадина дополнително ја засилува ситуацијата. Фетаи беше дел од политичкиот табор на Арбен Таравари, кој ја напушти владината коалиција и премина во опозиција. За разлика од него, Фетаи одлучи да остане во Владата заедно со Алиу, што отвори нови шпекулации за односите во коалицијата.

Засега нема официјално соопштение од Владата дали неговото отсуство е оправдано, ниту какви ќе бидат понатамошните чекори околу функцијата на вицепремиерот за добро владеење и транспарентност.