
На денешното рочиште за случајот „Онкологија“ вештакот Милан Ристески повторно сведочеше за терапиите и протоколите на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, при што посочи на повеќе отстапувања во медицинската документација и изборот на терапии.
Тој истакна дека кај 12 пациенти била дадена терапија спротивно на индикациите и без никаква корист, а особено ги потенцира случаите во кои пациенти со рак на бубрег не добиле „пембролизумаб“, иако според индикациите требало.
– Направени се триесет и три илјади преписи на скапа терапија. Проверувани се сите. Методолошки. Она што е најдено како чудно и неправилно овде е изложено – истакна Ристески.
Како и на минатото рочиште, тој сведочеше за терапиите и протоколите во Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, при што рече дека забележал отстапувања, особено во делот на недоволно документирани податоци за состојбата на пациентите и објаснувања за изборот на терапија.
Меѓу другото, тој појасни дека кај 12 пациенти терапијата била дадена спротивно на индикациите и без никаква корист и на штета на пациентите.
Образложи и за лекувањето на еден од пациентите од крајот на 2019 година.
– Има пациенти што требало да добијат „пембролизумаб“ а не добиле, особено во групата на пациенти со рак на бубрегот. Не може да се фаворизираат пациенти според индикацијата и достапноста на терапијата – истакна, меѓу другото, Ристески.
Одбраната имаше забелешки дека Ристески дава стручна оценка за одлуки донесени од лекари со значително подолго клиничко искуство од неговото, дека по помалку од една година од добивањето на лиценцата за вештак од областа на радиотерапијата и онкологија, бил ангажиран како медицински експерт во овој предмет, иако не можело, оти бил и сведок.
Ристески негираше дека ова е негов прв предмет по добивањето на таа лиценца и истакна дека досега немало никаква забелешка за неговата работа.
Случајот „Онкологија“ се води против поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, и уште тројца онколози, обвинети за несовесно лекување на пациенти.
Постапката започна и против Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од две години.
