Skip to main content
Балкан

Вадефул: ЕУ мора да го забрза проширувањето кон Западен Балкан, во прашање е кредибилитетот на Унијата

02/10/2026  11:18

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул вчера ги повика членките на Европската Унија да ги исполнат ветувањата за проширувањето кон земјите од Западниот Балкан, предупредувајќи дека кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот се загрозени поради бавниот напредок.

– Се наоѓаме на раскрсница кога е во прашање процесот на проширување на ЕУ – им изјави Вадефул на новинарите по состанокот во Будва, одржан во рамките на Берлинскиот процес, пренесува бриселскиот портал „Политико“.

Вадефул потсети дека ЕУ уште на самитот во Солун во 2003 година порача дека Западниот Балкан и припаѓа на ЕУ, додека Германија во 2014 година го покрена Берлинскиот процес со цел забрзување на европските интеграции на регионот.

– Не го исполнивме она што го ветивме – рече Вадефул, повикувајќи ги членките на ЕУ да им покажат на земјите од Западен Балкан дека ветувањето од Солун било вистинско и дека Европа е партнер од доверба.

Германскиот министер предупреди и на конкуренцијата од други сили за влијание на Балканот, наведувајќи ги „геополитичките противници и ривали“, што се однесува пред сè на Русија и Кина.

Австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер оцени дека ЕУ повеќе не може да си дозволи бавни и бирократски процеси во момент кога, како што рече, глобалната ситуација брзо се менува.

– Ако дадеме каква било слобода, дури и само милиметар, други странски сили ќе бидат овде во момент и ќе го искористат тоа – рече таа.

Црна Гора, која е домаќин на состанокот, се наоѓа меѓу земјите од регионот кои најмногу одминаа во пристапните преговори. Според наводите на европската комесарка за проширување Марта Кос, Црна Гора досега затвори 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја, а се очекува уште неколку да бидат затворени овој месец.

Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ рече дека неговата земја спроведе бројни реформи и додаде дека граѓаните сега мора да ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ.

– Искрено, заслужуваме сега да бидеме примени – рече Ибрахимовиќ.