Skip to main content
Македонија

Утре во Скопје започнува меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026“

22/06/2026  10:08

Утре со почеток во 09:30 часот, во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје свечено ќе биде отворена меѓународната конференција „Дијалог за единство и мир 2026″.

Конференцијата, која ќе се одржи на 23 и 24 јуни 2026 година, ќе собере поранешни шефови на држави, министри, дипломати, универзитетски професори, истражувачи, претставници на меѓународни организации, бизнис-лидери и млади од повеќе земји од Европа и Азија, со цел да разменат идеи и искуства за актуелните глобални предизвици и можностите за унапредување на меѓународната соработка, дијалогот и мирот.

Во рамки на дводневната конференција ќе се одржат тематски панел дискусии  посветени на предизвиците за меѓународниот мир, безбедноста и владеењето на правото, економскиот развој на Кина, регионалната поврзаност и соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, иднината на цивилизацискиот дијалог и културната размена, дигиталната трансформација, вештачката интелигенција, креативноста и човечкиот потенцијал, како и улогата на младите во свет на промени и неизвесност.

На свеченото отворање ќе се обратат д-р Ѓорге Иванов, претседател на Република Македонија 2009–2019, Љупчо Димовски, заменик-претседател на Владата задолжен за политички систем, Џијанг Сјаојан, амбасадор на Народна Република Кина, како и претставник на Кинеската асоцијација за меѓународно разбирање (CAFIU).

На конференцијата ќе учествуваат поранешниот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации и поранешен министер за надворешни работи на Република Србија, Вук Јеремиќ, шефот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО и министер за надворешни работи на Република Турција на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, поранешниот министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Миро Ковач, и Ерик Ли, претседател на Центарот за Кина и глобализација, основач и претседател на Chengwei Capital, основач на Клубот Пекинг за меѓународен дијалог, политиколог и еден од најистакнатите кинески аналитичари за меѓународни односи, како и бројни професори, дипломати, истражувачи и претставници на академската, дипломатската и деловната заедница од Европа и Азија.

Настанот е во организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија 2009–2019, д-р Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите (ICAC) и Алумни асоцијацијата на Школата за млади лидери на претседателот Иванов (ISLAA).

Повеќе информации за програмата на конференцијата на следниот линк