
Изјава на ТИТАН Усје:
ТИТАН Усје работи како одговорна компанија во земјата повеќе од седум децении, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со материјали за инфраструктурни објекти, вклучувајќи болници, брани, патна и јавна инфраструктура. Како одговорен член на заедницата, ТИТАН Усје со внимание ја следи јавната дебата за животната средина и дава транспарентен придонес во неа.
Во интерес на правилно и точно информирање, би сакале да потенцираме дека компанијата и сега работи согласно Европската регулатива, односно според стандарди на работа кои се идентични со оние за која било цементарница која делува во Европската унија.
Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на А – Интегрираната еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од домашните законски обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат надминувања на законските лимити.
И апликацијата за продолжување на А -интегрираната еколошка дозвола до Министерството за животна средина и просторно планирање во целост ги следи обврските и условите што произлегуваат од законските и подзаконските акти, а кои се во целост усогласени со европската регулатива.
Како членка на Групацијата ТИТАН, се придржуваме до најдобрите меѓународно признаени практики и ESG стандарди, покажувајќи ја нашата долгорочна посветеност и одговорност кон заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и модерното корпоративно управување.

