Skip to main content
Македонија

Уште тројца повредени од пожарот во Кочани ќе се лекуваат во Турција

20/03/2025  21:18

Уште три лица од пожарот во Кочани ќе се лекуваат во Турција, информираат попладнево од турската амбасада. Три млади лица денеска со авион се пренесени во болницата „Чам и Сакура“ во Истанбул.

Моментално во Турција се лекуваат вкупно 12 повредени. Од нив, половина се во болницата „Чам и Сакура“ во Истанбул, додека другата половина во болницата „Билкент Шехир“ во Анкара.

И заменик министерот за надворешни работи и главниот преговарач со ЕУ, Мехмет Кемал Бозај, изразил сочувство до целиот народ на Северна Македонија за изгубените животи во трагичниот настан во Кочани.

– Заменик министерот Бозај во интервју за емисијата „Across the Ballkans“, емитувана на „TRT World“, се осврна на трагичниот настан што ја трогна Северна Македонија и изрази сочувство, додаваат од амбасадата.

– Како земји од регионот, континуирано се помагаме меѓусебно. Како што се сеќавате, Северна Македонија, по разорниот земјотрес што ја погоди нашата земја во 2023 година, испрати тимови за спасување. Така и ние, веднаш по овој трагичен настан, испративме авиони и деветмина државјани на Северна Македонија ги пренесовме во Туркије за лекување. Во оваа прилика, уште еднаш изразувам длабоко сочувство до целиот народ на Северна Македонија и им посакувам брзо заздравување на ранетите, изјавил Бозај.