Skip to main content
Свет

Унгарија го симна ветото, ЕУ со помош од 90 милијарди евра за Украина

22/04/2026  14:57

Земјите-членки на ЕУ постигнаа договор за заем од 90 милијарди евра за Украина и за 20-тиот пакет санкции против Русија, кои Унгарија досега ги блокираше.

Амбасадорите на земјите-членки (Корепер) започнаа писмена постапка за формално усвојување на овие одлуки. Владите на земјите-членки сега треба да ги потврдат обете одлуки до утре попладне.

И двете одлуки, за заемот и за 20-тиот пакет санкции, досега беа блокирани од унгарскиот премиер во заминување Виктор Орбан, оправдувајќи го своето вето со наводно одложување на поправката на гасоводот „Дружба“ од страна на Украина, кој ја снабдува Унгарија со руска нафта, а кој беше оштетен кон крајот на јануари во руски напад со беспилотни летала во западна Украина.

Украина во вторник објави дека поправката е завршена, по што нафтата течеше низ гасоводот и треба да стигне до Унгарија до утре.

Лидерите на земјите-членки се согласија за заем за Украина на самитот во Брисел минатиот декември, но Унгарија последователно го блокираше усвојувањето на амандманот на буџетската регулатива, кој бара едногласност, а без кој ЕУ не може да го подигне заемот бидејќи европскиот буџет го гарантира заемот.

Две третини од заемот од 90 милијарди евра, односно 60 милијарди, се наменети за воена помош, а 30 милијарди за поддршка на украинскиот буџет за да се обезбеди континуирано функционирање на државата и основните јавни услуги.

Украина треба да ги користи овие средства за купување оружје и опрема произведени во ЕУ, а надвор од неа само доколку не се достапни во Европа. 

Кредитот за Украина беше одобрен врз основа на механизмот за „засилена соработка“ бидејќи не беше можно да се постигне согласност од сите земји-членки. Унгарија, Чешка и Словачка се изземија од плаќањето и нема да учествуваат во плаќањата на камати. 

Лидерите на земјите-членки одлучија за заедничко задолжување откако не се постигна консензус за користење на замрзнатите руски средства за репарацискиот заем.