Skip to main content
Македонија

Ултиматум од „Маршот за ангелите“: Од трети октомври почнуваме со блокади и протести

27/09/2025  20:35

Институциите во Република Македонија имаат рок до 3 октомври. Нема да има повеќе мирни маршеви, туку протести и блокади. Ова го изјавија родителите на децата што загинаа во пожарот во дискотеката во Кочани од 24-тиот „Марш за ангелите“.

Родителите на загинатите во пожарот бараат одговори од судските органи, кои доколку не ги добијат во наредните денови, ќе предизвикаат сериозни протести и блокади низ целата земја.

Граѓанското здружение „16 март 2025 Кочани“ потсетува дека маршевите се посветени на нивните 62 ангели, чии животи беа насилно прекинати на 16 март 2025 година.

„Овој марш е симбол на единство, достоинство и глас што бара одговорност. Го посветуваме на ангелите што никогаш нема да бидат заборавени и на борбата за вистината што им ја должиме“, се вели во соопштението.

Маршот денеска започна од Паркот на револуцијата, помина пред Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани. Потоа продолжи до Даночната управа со кратка пауза кај кружниот тек, по што колоната продолжи до полициската станица. Потоа оттаму до Основниот суд и Обвинителството, враќајќи се во Паркот на Револуцијата.