Skip to main content
Свет

Украинска делегација заминува за САД на разговори за можен мировен договор

16/01/2026  19:03

Украинска преговарачка делегација ќе отпатува во Соединетите Американски Држави со цел да се разјаснат условите за евентуален мировен договор со Русија, соопшти денеска претседателот Володимир Зеленски. Изјавата доаѓа по коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп дека Киев наводно го отежнува постигнувањето мир. Зеленски на социјалните мрежи напиша дека украинскиот тим, „и покрај сите околности“, е во постојан контакт со претставници на американскиот претседател и дека средбите се очекуваат во наредните денови. Во делегацијата се вклучени секретарот на Советот за национална безбедност Рустем Умеров, новоименуваниот шеф на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, како и пратеникот Давид Арахамија. Киев очекува разговорите да донесат поголема јасност, како за документите што веќе се подготвени во соработка со американската страна, така и за ставот на Русија кон досегашните дипломатски напори, напиша Зеленски на Телеграм.