Skip to main content
Македонија

Учество на Муцунски на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ)

09/06/2026  14:01

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре во Софија ќе учествува на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржува во рамки на бугарското претседавање со иницијативата.

Состанокот ќе биде посветен на одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на ПСЈИЕ и ќе се одржи под мотото „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација”.

Во фокусот на дискусиите ќе бидат европската перспектива на Југоисточна Европа, унапредувањето на регионалната соработка, зајакнувањето на безбедноста и отпорноста на регионот, како и продлабочувањето на економската интеграција, конкурентноста и поврзаноста во услови на актуелните геополитички предизвици.

ПСЈИЕ претставува највисок политички форум за регионална соработка во Југоисточна Европа и важна платформа за промовирање на добрососедските односи, политичкиот дијалог и европската интеграција на регионот.

Во рамки на состанокот се очекува да биде усвоена заедничка декларација со која ќе се потврди посветеноста на учесниците кон мирот, стабилноста, одржливиот развој, регионалната соработка и европската иднина на Југоисточна Европа.