
Ученик застрела двајца вработени во училиштето и рани уште двајца, вклучувајќи и 11-годишно девојче, во најновото пукање во училиште што го потресе Бразил во вторник, објави АФП.
Тринаесетгодишно момче е уапсено во врска со нападот во училиштето Сао Хозе во Рио Бранко, главниот град на државата Акре, соопштија локалните власти.
Повреденото девојче е рането во ногата.
Уапсеното момче, кое е ученик во училиштето, влегло во зградата и испукало неколку куршуми во ходникот што води до канцеларијата на директорот, изјави за новинарите полицискиот службеник Фелипе Русо.
Тој се предал на полицијата по нападот.
Уапсен е и неговиот очув, сопственик на пиштолот што бил употребен во нападот.
Полицијата идентификувала други ученици кои можеби соработувале со напаѓачот, додаде Русо.
Ученици бегале преку шестметарски ѕид
Едуардо Родригес Кавалканте, рецепционер во хотел до училиштето, ја опиша застрашувачката сцена на учениците кои се обидуваат да се искачат по ѕидот што го дели училиштето од хотелот.
„Ѕидот е висок шест метри и само едно лице успеало да се искачи на него и да се засолни тука во хотелот. Другите останале на покривот на училиштето обидувајќи се да избегаат“, рече 19-годишниот рецепционер, додавајќи дека слушнал „истрели и многу врескање“.
Фотографиите објавени од локалните медиуми покажуваат жена како евакуирана на носилка и луѓе како плачат и се гушкаат пред училиштето.
„Соочена со оваа трагедија, државата изразува најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите, училиштето Сао Хозе и целиот образовен персонал погоден од овој настан“, соопшти државната влада.
Таа додаде дека наставата е прекината три дена во сите училишта во државата и дека се мобилизирани мобилни тимови за психолошка поддршка за да им помогнат на учениците и наставниците.


