
Малолетник е повреден со остар предмет во основно училиште во Арачиново, по конфликт со свој соученик.
Според информациите од СВР Скопје, ученикот бил донесен на лекување во ЈЗУ Св. Наум Охридски со повреда, по што било утврдено дека инцидентот се случил во училиштето.
Според првичните сознанија, повредата му ја нанел негов соученик за време на престојот во училиштето во селото Арачиново.
Засега не се познати точните околности под кои дошло до конфликтот, ниту пак тежината на повредата што ја добил малолетникот.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите детали поврзани со инцидентот.
Случајот повторно ја отвори темата за безбедноста во училиштата и потребата од навремена превенција на врсничкото насилство меѓу учениците.

