Skip to main content
Хроника

Убиство во центарот на Скопје – Двајца осомничени во притвор

14/09/2025  22:59

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени за кривично дело – Тешка телесна повреда по член 131 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

Настанот се случил на 10 септември, во вечерните часови, во паркот „Жена-борец“ во Скопје. Според обвинителството, двајца осомничени на возраст од 44 и 46 години заедно со оштетениот консумирале алкохол, по што дошло до вербална расправија која преминала во физичка пресметка.

„Двајцата осомничени со умисла нанесле тешки телесни повреди на оштетениот, удирајќи го со тупаници и клоци по главата и телото“, стои во соопштението.

Како резултат на повредите, оштетениот бил хоспитализиран, но два дена подоцна починал во болница.

Обвинителството соопшти дека до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје е поднесен предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.