Skip to main content
Македонија

Убиства, оружје и рекет – Дали се шири организиран криминал меѓу турски државјани во Македонија?!

08/01/2026  11:33

Во неполни шест месеци, на територијата на Република Северна Македонија се случија две брутални убиства меѓу турски државјани, случаи кои сериозно ја отвораат дилемата дали станува збор за изолирани инциденти или за подлабок безбедносен проблем што бара системски одговор од институциите.

Првиот настан се случи во Штип, кога во полно кафуле во центарот на градот, пред бројни сведоци, турски државјанин ладнокрвно извади пиштол и го застрела својот сонародник. По убиството, сторителот веднаш се даде во бегство кон Скопје, но беше брзо уапсен на автопатот од страна на полицијата. Начинот на извршување, јавниот простор и употребата на огнено оружје наметнаа прашања за мотивите, но и за тоа како вакво оружје воопшто се наоѓа во рацете на странски државјани во земјава.

Вториот, уште посуров случај, се случи вечерта на Нова година, кога 22-годишниот Ахмет М.Д., турски државјанин, беше убиен со четири убоди од нож директно во срцето. Осомничениот, исто така турски државјанин, по извршеното убиство се обидел да ја напушти државата, но според извор, бил уапсен во Косово, на аеродромот, додека чекал лет за Истанбул. Фактот што осомничениот успеал да ја напушти Македонија пред да биде приведен, дополнително ја засили јавната загриженост околу брзината на институционалната реакција, меѓудржавната координација и контролата на движење на лица осомничени за тешки кривични дела.

Овие два случаи не се изолирани. Во последните месеци, полициските билтени сe почесто содржат настани во кои се споменуваат турски државјани, од насилство и недозволена трговија со дрога, до сериозен организиран криминал. Само на 24 декември 2025 година, полицијата спречи обид за внесување на три автоматски пушки, 20 пиштоли и 5.750 куршуми од Турција во Македонија количина што јасно укажува на организирана криминална активност, а не на поединечен инцидент.

Дополнително, на 16 ноември 2025 година, по барање на турските власти, од Македонија беа екстрадирани две лица осомничени за тешки кривични дела, меѓу кои измами, фалсификување службени документи, даночни прекршоци и прифаќање криминален имот. Акцијата беше спроведена во координација меѓу македонските безбедносни служби и турската полиција, по што лицата беа префрлени во Истанбул.

Претходно, на 30 септември, Основното јавно обвинителство Скопје информираше дека е отворена истражна постапка против тројца турски државјани осомничени за кривично дело изнуда. Според обвинителството, тие со сериозни закани по живот присилиле свој сонародник да им исплати 40.000 евра. Оштетениот дошол во Македонија со намера да отвори фирма во градежништвото и ИТ-секторот, но бил изложен на рекет, закани и пораки со заканувачка содржина дека ќе биде пронајден и убиен доколку не продолжи со исплатите.

Покрај ваквите сериозни случаи, речиси секојдневно во полициските билтени се регистрираат и „помали“ кривични дела – тепачки, закани, поседување или продажба на марихуана и други наркотични средства. На 1 октомври 2025 година, во Гостивар беа приведени двајца млади турски државјани со привремен престој, кај кои при претрес била пронајдена марихуана.

Во исто време, важно е да се нагласи дека зголеменото присуство на турски државјани во Македонија, особено во Скопје, не смее автоматски да се поврзува со криминал. Најголемиот дел од нив се легални жители, студенти, работници или бизнисмени и не смеат да бидат стигматизирани поради постапките на мал број лица.

Сепак, јавноста сe почесто го поставува прашањето што ако вакво убиство се случеше во новогодишна ноќ и жртвата беше македонски државјанин, без разлика на етничката или верската припадност. Дали институциите ќе реагираа поинаку и дали државата е подготвена навреме да спречи ескалација?

Искуството од Подгорица е сериозно предупредување. Таму, по напад и прободување со нож од страна на група турски државјани, граѓаните излегоа на протести, полицијата спроведе масовни рации и приведе 45 турски државјани, а Владата на Црна Гора најави укинување на безвизниот режим со Турција.

Според информации добиени по разговори, дел од клучните пропусти во системот лежат во начинот на кој се регулира привремениот престој на странски државјани. Како што посочуваат соговорниците, практично секој може да дојде во Македонија, да регистрира фирма и да изнајми стан, при што договорот за закуп се заверува кај нотар, а со истите документи и на истата адреса без поголеми проверки да извади лична карта за привремен престој. По добивањето на документите, дел од лицата веќе по еден месец ги откажуваат договорите за изнајмување, по што институциите го губат трагото каде тие навистина престојуваат. Во меѓувреме, според безбедносните проценки, тие се групираат на други, нерегистрирани локации, што сериозно ја отежнува контролата и следењето на нивното движење.

Според официјални податоци, во земјава се регистрирани вкупно 4.200 компании поврзани со турски државјани, но алармантно е што само околу една четвртина од нив поднеле годишни сметки. Останатите, како што велат соговорниците, постојат само на хартија без реална економска активност, без вработени и без финансиски текови. Овој податок дополнително ја засилува сомнежта дека дел од компаниите се користат како параван за престој, движење и евентуално прикривање на други активности, наместо за вистинско инвестирање и стопанско работење.

Дополнително, истите извори укажуваат дека значителен број лица и компании во изминатиот период ги затвориле своите фирми во Подгорица и се преселиле во Македонија. Причината, според соговорникот, била засилениот притисок од јавноста и населението во Црна Гора по серијата насилни инциденти, што довело до построги контроли, рации и институционални мерки. Дел од тие структури, наместо да се повлечат, ја пренасочиле својата активност во Македонија, каде системските слабости им овозможуваат полесно легализирање на престојот и деловното работење.

Во Македонија, според неофицијални информации што кружат во јавноста, се споменува бројка од околу 20.000 турски државјани со привремен престој.