Skip to main content
Балкан

Уапсениот припадник на грчката армија кој издавал воени информации на Кина

06/02/2026  17:19

Военото лице е уапсено за оддавање доверливи воени информации на Кина. Тој е припадник на грчкото воено воздухопловство со висока позиција. Денеска беше изведен пред Воен суд, каде што побарал и добил рок до вторник за подготовка на исказот , јави дописничката на МИА од Атина.

Од Генералштабот на Националната одбрана на Грција вчера соопштија дека апсењето било во воен објект, во соработка и координација со други државни служби „поради јасни индиции за извршување кривични дела согласно Воениот кривичен законик, односно собирање и пренесување доверливи информации од воено значење на трети лица, со опасност од нанесување штета на националните интереси“.

Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека уште од октомври минатата година Националната разузнавачка служба на Грција го следела командантот на Единицата за телекомуникации и електроника во военото воздухоловство, кој на Кина, за паричен надомест ѝ продавал доверливи информации за телекомуникации, како и за дигитални и електронски апликации.

За документите и плановите на грчката армија користел специјален уред за фотографирање, ги испраќал директно во Кина со употреба на криптиран софтвер, а уредот, како и другите дигитални докази, биле запленети и ќе бидат дополнително анализирани.