
Експлозијата што ја оштети полската железница на патот кон Украина беше „невиден чин на саботажа“, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск и вети дека неговата земја ќе ги пронајде одговорните за инцидентот, кој, посочува тој, можеше да заврши со трагедија.
Експлозијата на железничката линија Варшава-Лублин, која го поврзува главниот град со украинската граница, следеше по бранот палежи, саботажи и кибер напади во Полска и други европски земји од почетокот на војната во Украина.
Варшава во минатото ја обвинуваше Русија, тврдејќи дека Полска стана една од најголемите цели на Москва поради нејзината улога во помагањето на Киев. Русија постојано ја негираше одговорноста за саботажата.
„Кревањето во воздух на железничката линија Варшава-Лублин е невиден чин на саботажа насочен кон безбедноста на полската држава и нејзините граѓани“, напиша Туск на X.
„Истрагата е во тек. Исто како и во претходните случаи од овој вид, ќе ги фатиме сторителите, без оглед на тоа кој ги поддржува“, додаде тој.
Четири владини министри на прес-конференција изјавија дека има еден потврден и еден „многу веројатен“ чин на саботажа, осврнувајќи се на инцидентот на другиот дел од трасата каде што беше оштетена железничка влечна локомотива.
Варшава во октомври објави дека Полска и Романија привеле осум лица осомничени за заговор за саботажа во име на Русија.
Локалната полиција во неделата соопшти дека машиновозачот пријавил оштетување на железничката линија, но властите не можеа веднаш да потврдат дека станува збор за саботажа.
„Оваа рута се користи и за транспорт на оружје во Украина“, рече Туск во видео обраќање. „За среќа, не се случи трагедија, но правните импликации се многу сериозни“, истакна полскиот премиер.

