Skip to main content
Магазин

Туристите потешки од 100 килограми веќе нема да смее да јаваат магариња на Санторини

13/02/2026  18:00

Туристите на грчкиот остров Санторини со години јаваат магариња од старото пристаниште до градот Фира, кој се наоѓа на врвот на карпата. Сепак, поради екстремно стрмната рута со камени скали, големиот метеж и зголемените предупредувања од организациите за заштита на животните, локалните власти воведоа построги правила. Сега секој што сака да јава магаре не смее да тежи повеќе од 100 килограми, објави порталот „Олвејс петс“ (Always Pets).

Животното не смее да носи товар поголем од 20 отсто од својата телесна тежина. Ваквата одлука е донесена поради исцрпеност и чести повреди. Најчестите и најтешки повреди се случувале за време на туристичката сезона. Животното се соочувало со повреди на ’рбетот, рани од седлото и прекумерен напор.

Искачувањето од пристаништето до Фира е долго приближно 400 метри, со 500-600 скали, во зависност од рутата, а магарињата често се принудени да направат повеќе тури дневно. Оттаму, освен правилото за тежината на јавачите, на магарињата мора да им се обезбеди вода за пиење, како и паузи за одмор. Со тоа би се заштитиле од дехидратација, исцрпеност и долгорочни проблеми со зглобовите. Со одлуката е планиран и засилен надзор, водење евиденција, за полесно да се следи здравствената состојба, како и условите за работа.

Генерации наназад магарињата имале значајна улога за жителите на Санторини. Пред изградбата на патиштата и жичницата им служеле за транспорт на градежен материјал, продукти и луѓе.