Skip to main content
Свет

Турција воведе забрана: Деца под 15 години нема да смеат да користат социјални мрежи

23/04/2026  09:26

Турскиот парламент во средата навечер усвои нов закон со кој се забранува користење на социјални мрежи за лица помлади од 15 години, јавуваат турските медиуми.

Според новите правила, децата под 15-годишна возраст нема да можат да отвораат профили на социјалните мрежи, а дигиталните платформи ќе бидат обврзани да воведат системи за проверка на возраста на корисниците.

Законот предвидува и дополнителни мерки за заштита на малолетниците. Родителите ќе добијат алатки за контрола на времето што нивните деца го поминуваат пред екраните, додека во „итни случаи“ големите платформи ќе мора да реагираат во рок од еден час по ширење штетна содржина.

Новите законски измени ќе стапат во сила шест месеци по нивното објавување во Службен весник.

Турција не е единствената земја што размислува во оваа насока. Во повеќе држави веќе се отвора дебата за ограничување на пристапот на деца до социјалните мрежи.

Минатата недела претседателот на Франција Емануел Макрон ги повика младите на „ден без интернет“ секој месец, со цел повторно да ги откријат читањето, спортот и реалниот живот.

Во исто време, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен заедно со лидерите на 12 земји членки на Европска Унија разговарале за можни слични ограничувања за пристапот на децата до социјалните мрежи.