Skip to main content
Свет

Турција: По двегодишен прекин, обновени се испораките на сурова нафта преку цевковод од Ирак

27/09/2025  20:18

Испораките на нафта преку цевковод меѓу Ирак и Турција се обновени изутрината, изјави турскиот министер за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар.

Цевководот беше затворен по земјотресите на 6 февруари 2023 година, а турскиот оператор БОТАШ ја обнови својата оперативна подготвеност во октомври истата година, наведе Бајрактар ​​на турската социјална мрежа Ен Соушл.

Ирачката официјална новинска агенција исто така денеска објави дека извозот на нафта од полињата на територијата на Курдската регионална влада во северен Ирак е обновен.

Ирачкиот премиер Мохамед Шиа ал-Судани завчера изјави дека нафтата од полињата во регионот на Курдската регионална влада ќе се извезува преку цевководот Ирак-Турција.

„Денес постигнавме историски договор, според кој Федералното министерство за нафта ќе прима сурова нафта произведена на полињата во регионот на Ирачки Курдистан и ќе ја извезува преку ирачко-турскиот цевковод“, напиша тој на мрежата Икс.

Курдската регионална администрација претходно објави дека се потпишани договори со локални и странски компании за почеток на извоз на нафта и дека одлуката на ирачкото Министерство за нафта била очекувана со цел што поскоро да започне извозот.