
Потврдени се уште три нови случаи на западнонилска треска во земјава, со што вкупниот број регистрирани случаи се искачи на 34, соопштија од Центарот за јавно здравје. За првпат оваа сезона вирусот е детектиран и кај жител на скопско Арачиново.
Според податоците на здравствените власти, најголем број заболени досега се регистрирани во општините Кисела Вода и Аеродром, додека речиси половина од случаите потекнуваат од населбата Драчево.
„Нов случај денеска имаме во Арачиново, првпат таму е детектиран случај. Има канали, базени, застојани води и можеби тоа е причината. Постојат услови за размножување на комарците“, изјави епидемиологот Љуљзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје.
Бајрами посочува дека искуството од оваа сезона треба да биде сигнал наредната година дезинсекцијата против комарци да започне порано. Дополнително, според неа, потребно е да се испита дали комарците развиле отпорност на средствата што се користат при прскањето.
Доколку анализите покажат резистентност, средствата за дезинсекција би требало навремено да бидат заменети со поефикасни препарати.
Досега во земјава се регистрирани и два смртни случаи поврзани со западнонилската треска.
Центарот за јавно здравје – Скопје на 12 август прогласи епидемија на западнонилска треска во повеќе делови од главниот град. Со епидемијата се опфатени Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Западнонилската треска се пренесува преку каснување од заразени комарци, поради што здравствените власти апелираат граѓаните да преземаат мерки за лична заштита и да не оставаат застојана вода во дворовите и околу домовите, каде што постојат услови за размножување на комарците.

