Skip to main content
Свет

Трет ден на Давос: Руте бара зголемена поддршка за Украина заради постигнување траен мир со Русија

23/01/2025  11:08

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ги повика светските лидери да ја „засилат, а не да ја намалуваат“ поддршката за Украина, со цел земјата да влезе во евентуални мировни преговори со Русија во најдобра можна позиција, пренесува Гардијан.

Руте истакна дека е клучно да се „промени текот на војната“, предупредувајќи дека фронтот се движи во погрешна насока.

Според Руте, постојат три важни причини за ова. Прво, за самата Украина. Руте нагласи дека не смееме да дозволиме една земја да нападне друга и да се обиде да ја колонизира во 21 век. Второ, бидејќи Кина, Северна Кореја, Иран и Русија соработуваат. „Лош договор“ би значел, како што рече Руте, рускиот претседател „да се радува со лидерите на Северна Кореја, Иран и Кина“.

Трето, затоа што ако Украина ја загуби војната, членките на НАТО би се соочиле со „трилиони“ долари дополнителни трошоци за зајакнување на своите армии, што е „многу, многу повисока цена“ од она што се разгледува денес.

Руте додаде дека постои обврска Украина да стане членка на НАТО.

– Доколку рускиот претседател Владимир Путин може да биде доведен на преговарачката маса, важно е да се обезбеди „одржлив мир“, рече Руте, апелирајќи да не се повторуваат мировните договори од Минск во 2014 година.

– За мирот да биде одржлив, мора да се осигураме дека Путин никогаш, ама баш никогаш, повторно нема да се обиде да заземе ниту еден квадратен километар од Украина, додаде тој.

Руте говореше на појадок организиран од Фондацијата Виктор Пинчук во Давос.

Украинскиот бизнисмен и олигарх Пинчук објасни дека му се допаѓа кога американскиот претседател или други лидери зборуваат за тоа дека националните интереси се на прво место.

– Ако го ставите интересот на својата земја на прво место, тоа значи дека националната безбедност е апсолутен приоритет. А тоа значи дека не смеете да дозволите нашиот луд и страшен непријател да победи во Украина, рече Пинчук.

Тој додаде дека ако тоа се случи (иако е уверен дека „дефинитивно“ нема), тоа би имало сериозни штетни последици за националните интереси на другите земји.

Марк Руте, пак, призна дека американскиот пратеник Ричард Гренел има поента кога бара поголеми финансиски издвојувања.

– Проблемот со финансирањето не е во САД, туку во Европа, рече Руте: – Проблемот, како што претседателот (Доналд) Трамп постојано нагласуваше, е што Европа не троши доволно за одбраната, оцени генералниот секретар на Алијансата.

Руте укажа дека не сите членки го исполнуваат целното трошење од 2 отсто од БДП за одбрана, иако има пораст во воените трошоци. Тој додаде дека и тие 2 отсто „не се доволни“.

– НАТО, како алијанса, нема да може да се одбрани за четири или пет години доколку останеме со ова ниво на трошење, предупреди Руте.

Претходно, новопрогласениот претседателски пратеник на САД за специјални мисии, Ричард Гренел, се спротивстави на изјавите на Марк Руте за членството на Украина во НАТО, посочувајќи дека голем дел од членките не го плаќаат свој дел.

Гренел истакна дека е „шокантно“ што толку многу министри за надворешни работи во Европа и американски политичари не се обиделе да ја спречат војната меѓу Русија и Украина, воедно критикувајќи ја улогата на Џо Бајден за ова прашање.

Тој предупреди дека „ќе наидете на голем отпор во Америка“ ако шефот на Алијансата зборува за проширување на НАТО со Украина, додека американскиот народ ја финансира одбраната.

– Не можете да барате од американскиот народ да го прошири чадорот на НАТО додека сегашните членки не ја исполнуваат својата одговорност – вклучувајќи ја и Холандија, која треба малку да се покаже“.