Skip to main content
Економија

Тренчевска: Власта ги остави граѓаните сами, упорно бега од покачување на минималната плата на 500 евра

18/11/2025  15:46

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница побара од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, да објасни зошто Владата употрно одбива да ја покачи минималната плата барем на 500 евра, во услови на растечки трошоци, кога синдикалната потрошувачка кошница се зголемила за повеќе од 4.500 денари во последните 15 месеци. Таа побара појаснување што се темели и на најавеното покачување од околу 2.000 денари во март 2026 година, со кое минималната плата во Македонија останува најниска.

Интегрално текстот го пренесуваме во целост:

Денес е 18 ноември 2025 година македонската јавност има една привилегирана можност да ве види во собраниските клупи и да слушне одговори на пратенички прашања за политики од вашиот ресор кои директно влијаат на животниот стандард. Не знам дали оваа ваша одлука да се појавите е резултат на страв за министерската фотелја или конечно чувство на одговорност, но добро е што барем денес сте овде.

Оваа ретка можност да ве сретнеме се случува во период кога во Собранието расправаме за предлог-верзијата на Буџетот за 2026 година, која Владата ја прикажува како „година на раст на платите и пензиите”. Но во таа приказна недостасува една клучна реченица, а тоа е што ќе се случи со минималната плата, односно платата која за десетици илјади луѓе прави разлика меѓу сиромаштијата и елементарниот опстанок.

Во реалниот живот, надвор од буџетските презентации кои ги слушаме деновиве од претставниците на Владата, инфлацијата не е апстрактна бројка, туку тоа е сметка во маркет, сметка за струја, за вода. Индексот на трошоците на живот во октомври 2025 е за 4,5% повисок во однос на истиот месец лани. Кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата изнесува 7%. Тоа значи дека инфлацијата систематски го јаде секој денар што граѓаните го земаат на крајот на месецот. Но, наместо да барате начин како да го затворите овој јаз, вие излеговте со изјава дека „проценките покажале оти со минимална плата од 500 евра може да се очекува инфлација од 8 до 9 проценти”. Со други зборови, според вашата логика, проблем не е тоа што граѓаните веќе плаќаат поскапени (повисоки) сметки, туку тоа што ако конечно добијат 500 евра минимална плата – тие ќе бидат виновни за нов бран инфлација.

Истовремено, синдикалната потрошувачка кошница се движеше нагоре како лифт кој ретко се симнува. Кога дојдовте на власт, во јули 2024 година синдикалната минимална кошници изнесуваше 60.570,00 денари, во септември годинава, истата изнесува 65.077 денари. Граѓаните 15 месеци гледаа како кошницата се качува за 4.507 денари, а Владата им предлага да почекаат уште до март 2026-та за, можеби, 2.000 денари повеќе.

Во оваа слика, минималната плата од 24.379 денари нето изгледа како бројка од друг свет. Кога ќе се пресмета односот меѓу минималната плата и синдикалната кошница, добиваме апсурдна формула: за да преживее едно семејство, денес му се потребни 2,66 минимални плати. Значи, не е доволно ниту двајца да работат за минималец – сепак недостига една „третина од платата” за трошоците во семејниот буџет да бидат порамнети со 0.

Дополнително, економските аналитичари укажуваат дека поради инфлацијата денешните 24.379 денари реално вредат колку околу 18.000 денари пред три години.

Во оваа економска ситуација која е корозивна за животниот стандард на граѓаните, барањето на синдикатите за минимална плата од најмалку 500 евра беше само обид за минимален праг на достоинство. А регионалната слика е повеќе од јасна, Србија во октомври вонредно ја зголеми минималната плата на 500 евра, со најава дека од 1 јануари таа ќе изнесува 551 евро. Албанија исто така најави 500 евра минималец од следната година, а зголемување на 500 евра од јули очекува и Косово. Во Босна и Херцеговина веќе имаше покачување на минималецот на 511 евра од јануари 2025.

Моето прво прашање до вас е, во услови на инфлација која постојано ги зголемува трошоците на живот, кога за една синдикална потрошувачка кошница се потребни 2,66 минимални плати, зошто Владата систематски бега од темата за минималната плата и во Буџетот за 2026 година не нуди јасен, временски прецизен план како и кога работниците ќе стигнат – па и ќе го надминат – прагот од 500 евра? И како очекувате граѓаните да веруваат во ПР приказни (наративи) за „зголемени плати”, кога нивната минимална плата реално вреди колку 18.000 денари од пред три години?

Второто мое прашање за надоврзува на првото.


Долги месеци од страна на Владата слушавме сè, од најави за буџетската дисциплина до големи најави за нови инвеститори, само не и јасен став за минималната плата. Тема која ја отвораа синдикатите, експертите и опозицијата, но не и вие како ресорен министер.

Сега, во момент кога во јавноста отворено кружат идеи за реконструкција на Владата, одеднаш се појавувате со најава дека во март 2026 минималната плата ќе се зголеми за околу 2.000 денари. Таа бројка звучи како лесен политички слоган, односно доволно голема за наслов на некои медиуми, но недоволно објаснета за да биде веродостојна.

Во меѓувреме, Сојузот на синдикатите на Македонија веќе најави дека нивното барање за 500 евра минимална плата е застарено и дека ќе бараат износ над 500 евра, токму затоа што – парафразирам – „сите земји од регионот нè поминаа и со минимална и со просечна плата”. Додека кај соседите растот на минималната плата се брои во евра, кај нас уште се калкулира дали плус 1.500 или плус 2.000 денари ќе биде доволно за смирување на незадоволството.

Во целото тоа, социјалниот дијалог е практично парализиран. Економско-социјалниот совет не функционира како место каде што се договараат овие политики, туку како институција која постои само на хартија. Синдикатите бараат минимална плата на 500+ евра, работодавачите бараат предвидливост, а вие, односно Владата најавува „плус 2.000 денари” без да објасни дали зад тоа стои реален трипартитен договор или само внатрепартиска пресметка.

Да потсетам дека во март 2022 година, во време на СДСМ, ова Собрание ги изгласа измените на Законот за минимална плата со јасна формула: минималната плата да се усогласува врз основа на 50% од порастот на трошоците на живот и 50% од порастот на просечната плата, односно системски да не се дозволи минималната плата никогаш да не падне под 57% од просечната плата. А сега ситуацијата е следна, минималната плата од 24.379 денари е на ниво од 53,8% од просечната плата која изнесува 45.310 денари.

Тоа беше обид минималната плата да се извлече од дневна политика и да се врзе за економската реалност и инфлацијата. Денес се создава впечаток дека токму таа формула е испуштена од рака, а на нејзино место доаѓаат ад-хок изјави за плус 2.000 денари, во услови кога инфлацијата и понатаму го подрива стандардот на работниците.

Моето второ прашање до вас е, кога долги месеци избегнувавте да понудите јасен став за минималната плата, а сега во момент на најави за реконструкција на Владата одеднаш излегувате со бројка од плус 2.000 денари, на што точно е заснована оваа најава? Дали станува збор за бројка произлезена од реален и транспарентен социјален дијалог во функционален Економско-социјален совет или пак на примена на законската формула од 2022 година која ја врзува минималната плата со инфлацијата и просечната плата?