Skip to main content
Свет

Трамп вели дека разговарал со Путин за крај на војната во Украина

09/02/2025  19:04

Доналд Трамп изјави дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за преговарачкиот крај на тригодишната руско-украинска војна, што укажало дека руските преговарачи сакаат да се сретнат со американските колеги.

Трамп за „Њујорк пост“ изјави дека разговарал со Путин, истакнувајќи дека „подобро да не кажам“ само колку пати.

Во коментарите за медиумот во петокот на авионот „Ер Форс 1“, Трамп рече дека верува оти Путин „се грижи“ за гинењето на бојното поле, но не кажа дали рускиот лидер презентирал конкретни работи за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт.

Трамп откри дека има план да стави крај на војната, но одби да навлегува во детали. „Се надевам дека е брзо. Секој ден луѓе умираат. Оваа војна е толку лоша во Украина. Сакам да ставам крај на оваа проклета работа“.

Минатиот месец, Трамп процени дека околу 1 милион руски војници и 700.000 украински војници се убиени од почетокот на инвазијата – проценка многу повеќе од бројките што ги презентираа украинските официјални лица или независни аналитичари.

„Пост“ рече дека советникот за национална безбедност, Мајкл Волц, му се придружил на претседателот за време на интервјуто.

„Ајде да ги продолжиме овие состаноци“, рече Трамп. „Тие сакаат средба. Секој ден луѓе умираат. Се убиваат убави млади војници. Млади мажи, како моите синови. Од двете страни. Низ бојното поле“.

Волц не сакаше да потврди дека Трамп разговарал со Путин, велејќи за Ен-Би-Си во неделата дека „сигурно се водат многу чувствителни разговори“ и дека високи американски дипломати ќе бидат во Европа оваа недела „да разговараат за деталите за тоа како да се стави крај на оваа војна и тоа ќе значи да се привлечат двете страни на маса“.