Skip to main content
Свет

Трамп: САД извршиле напад врз пристаниште во Венецуела поврзано со нарко-шверц

30/12/2025  16:35

Претседателот на САД, Доналд Трамп соопшти дека американските сили уништиле пристаниште во Венецуела, за кое, како што рече, било користено од бродови вклучени во шверц на наркотици. Според оценките, станува збор за можен прв копнен удар на американските сили врз венецуелска територија од почетокот на воената кампања на Вашингтон насочена против трговијата со дрога во Јужна Америка.

– Се случи силна експлозија во пристаништето каде што се товареше дрога. Бродовите беа погодени, а потоа и целата област таа практично исчезна, изјави Трамп од својата резиденција Мар-а-Лаго, каде што беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Американскиот претседател не ја објави точната локација на нападот, ниту прецизираше дали операцијата ја спровеле вооружените сили или Централната разузнавачка агенција (ЦИА). Медиумите Си-ен-ен и „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека нападот бил изведен со беспилотно летало и бил насочен кон изолирано пристаниште што наводно го користел венецуелскиот нарко-картел „Трен де Арагва“ за складирање дрога и натоварување бродови за извоз.

Според истите информации, во моментот на нападот немало лица на локацијата, поради што нема пријавени жртви. Според податоците на американските власти, досега биле извршени околу 30 напади врз бродови осомничени за трговија со дрога, при што загинале речиси 107 лица во регионот на Карибите и Тихиот Океан. Во меѓувреме, Вашингтон продолжува со засилен дипломатски и политички притисок врз Каракас, обвинувајќи го претседателот Николас Мадуро за водење широка мрежа за трговија со наркотици и повикувајќи на негово повлекување.

Венецуелската влада ги отфрла овие тврдења, оценувајќи ги како обид на САД да го дестабилизираат режимот и да воспостават контрола врз нафтените ресурси на земјата. Иако Трамп во изминатиот период најавуваше можни копнени операции против нарко-картелите во Јужна Америка, вакви акции досега официјално не биле потврдени.