
Американскиот претседател, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која се укинуваат американските санкции врз Сирија, потег што беше означен како поддршка за „патот кон стабилност и мир“, објави Белата куќа.

Како што е наведено, наредбата ги укинува општите санкции воведени врз Сирија, но ги задржува мерките против поранешниот претседател Башар ал-Асад, неговите блиски соработници, лицата обвинети за кршење на човековите права, трговијата со дрога, врски со хемиското оружје, екстремистичката група ИД, како и иранските посредници во регионот.
Наредбата му наложува на американскиот државен секретар Марк Рубио да ја процени можноста за дополнително олеснување на санкциите, целосно или делумно, во согласност со таканаречениот „Цезаров закон“, со кој САД претходно го санкционираа режимот на Асад за воени злосторства.
Документот, исто така, отвора врата за либерализација на извозот на одредени стоки и укинување на ограничувањата за странски донации и помош наменета за Сирија.
Дел од наредбата се однесува и на преиспитување на статусот на екстремистичката група Хајат Тарир ал-Шам (ХТС), вклучувајќи го и нејзиниот лидер Ахмед ал-Шара, како и на разгледување на можноста за промена на статусот на Сирија како држава спонзор на тероризмот.
Во текстот се наведува дека САД ќе бараат начини за ублажување на санкциите во Обединетите нации со цел дополнително да се промовира стабилноста во Сирија.
Администрацијата на Трамп наведува дека најновиот потег „ѝ дава шанса на Сирија да успее“, истакнувајќи дека поддршката не значи компромис со безбедноста или интересите на САД.
Белата куќа изјави дека Вашингтон ќе продолжи да инсистира на елиминирање на заканата од тероризам, решавање на статусот на странските борци, забрана на палестинските екстремистички групи и спречување на зајакнување на ИД во регионот.
Во објаснувањето се наведува дека санкциите се воведени како одговор на „бруталноста на режимот на Асад“, но дека „неодамнешните промени во владата“ и „позитивните акции“ укажуваат на потенцијална промена во насоката на сириската Влада.
Зборувајќи за одлуката за укинување на санкциите Трамп рече дека тие биле „брутални и парализирачки“, но дека сега е време Сирија да го покаже својот потенцијал.
„Среќно, Сирија. Покажи ни нешто посебно“, рече Трамп.