Skip to main content
Свет

Трамп: Постигнат е договор со Иран, Ормускиот Теснец повторно се отвора

15/06/2026  09:20

Соединетите Американски Држави и Иран се на чекор до официјално ставање крај на повеќемесечниот конфликт, откако и Вашингтон и Техеран потврдија дека текстот на мировниот договор е финализиран, а свеченото потпишување е закажано за во петок во Швајцарија.

Американскиот претседател Доналд Трамп преку својата социјална мрежа „Трут Соушл“ соопшти дека договорот со Иран е завршен и дека ќе донесе мир и стабилност во регионот.

„Договорот со Исламската Република Иран сега е завршен. Честитки до сите! Со ова целосно го одобрувам отворањето на Ормускиот Теснец и итното укинување на американската поморска блокада. Бродови на светот, запалете ги моторите. Нека потече нафтата“, порача Трамп.

Во друга објава, Трамп нагласи дека повторното отворање на Ормускиот Теснец ќе следува по официјалното потпишување на договорот, оценувајќи дека станува збор за „голем договор“ кој ќе донесе мир и безбедност за целиот регион.

Потврда за договорот пристигна и од Техеран. Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави за иранската државна телевизија дека текстот на меморандумот е целосно усогласен и дека церемонијата на потпишување ќе се одржи во Швајцарија во петок. Според него, договорот предвидува укинување на американската поморска блокада и отворање на патот за нова рунда преговори меѓу двете земји.

Ормускиот Теснец е една од најважните светски поморски рути низ која минува значителен дел од глобалниот извоз на сурова нафта и течен природен гас. Веста за договорот веќе предизвика позитивни реакции на светските пазари, при што цените на нафтата забележаа пад, а берзанските индекси раст.

И покрај постигнатиот договор, дел од клучните прашања, меѓу кои и иднината на иранската нуклеарна програма, остануваат предмет на дополнителни преговори во наредниот период.