
Американскиот претседател Доналд Трамп испрати силни политички пораки за време на прославата на 250-годишнината од независноста на Соединетите Американски Држави, предупредувајќи дека земјата повторно се соочува со, како што рече, „комунистичка закана“ и повикувајќи на заштита на американскиот идентитет и традиционалните вредности.
Во 30-минутното обраќање пред планината Рашмор, каде се врежани ликовите на четворица американски претседатели – Џорџ Вашингтон, Томас Џеферсон, Абрахам Линколн и Теодор Рузвелт – Трамп порача дека САД влегуваат во „нова златна ера“ и дека државата повторно ќе биде силна и обединета.
„Стоиме под споменикот на овие херои, вистинска група неверојатни луѓе и повторно се посветуваме на тоа да бидеме нација голема, храбра, благородна и силна како овие американски гиганти. Не е лесно, но ќе го оствариме тоа“, изјави Трамп.
Во говорот, американскиот претседател предупреди дека, според него, американскиот идентитет е изложен на напади од радикални идеологии.
„Во нашата земја сега повторно се појавува комунистичката закана, вклучително и од новодојденци кои прифаќаат идеи што се целосно спротивни на нашиот начин на живот и на нашиот голем успех. Ова не се политички несогласувања за даноци или правила. Комунизмот е смртна закана за американска слобода, тоа е најголемата закана за нашата земја“, рече Трамп.
Тој нагласи дека Соединетите Американски Држави никогаш нема да станат комунистичка држава и порача дека неговата администрација ќе продолжи да ги брани слободата, националниот суверенитет и традиционалните американски вредности.
Обраќањето беше дел од централната прослава по повод 250 години од американската независност, при што Трамп ја искористи можноста да испрати пораки за единство, патриотизам и иднината на земјата.

