Skip to main content
Свет

Трамп назначи специјален пратеник за Гренланд

22/12/2025  09:45

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека го назначува гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд.

„Џеф разбира колку е важен Гренланд за нашата национална безбедност и силно ќе ги промовира интересите на нашата земја во безбедноста, заштитата и опстанокот на нашите сојузници и светот“, напиша Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social.

Џеф Ландри е американски политичар од Републиканската партија и моментален гувернер на државата Луизијана. Претходно, тој беше државен обвинител многу години, а беше и член на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави.

Национално признат како еден од најтврдокорните конзервативци на Југот, Ландри се истакна политички преку прашања како што се силното противење на абортусот, отфрлањето на федералните регулаторни овластувања, отпорот кон климатските политики и нагласувањето на „законот и редот“.

Тој го поддржуваше Трамп дури и по изборите во 2020 година и учествуваше во правни и политички иницијативи со кои републиканците ги оспорија потезите на администрацијата на Бајден. Трамп јавно го поддржа во трката за гувернер.