Skip to main content
Свет

Трамп ја откажа средбата со Си

10/10/2025  19:23

Претседателот на САД, Доналд Трамп денеска изјави дека „изгледа нема причина“ да се сретне со претседателот на Кина, Си Џинпинг за време на неговата посета на Јужна Кореја. Изјавата на Трамп уследи откако Кина го ограничи извозот на ретки метали и воведе пристанишни такси за американските бродови.

Трамп навести дека како одговор на чекорите на Си разгледува „големо зголемување“ на царините за кинеските производи.

Една од мерките што во моментот ги разгледуваме е големо зголемување на царините за кинески производи што влегуваат во САД. Постојат многу други контрамерки што исто така сериозно се разгледуваат, објави Трамп на сопствената социјална мрежа „Трут соушал“.

Трамп истакна дека Кина „станува многу непријателски настроена“ и го држи светот во „заробеништво“, ограничувајќи го пристапот до метали и магнети што се користат за електронски компоненти, компјутерски чипови, ласери и други високотехнолошки производи.

Кина денеска воведе пристанишни такси за бродовите во сопственост на САД, како реципрочна мерка за планираните американски пристанишни такси за кинеските бродови.

Бродовите во сопственост на САД, оние управувани од американски компании или поединци, како и бродовите изградени во САД и пловејќи под американско знаме, ќе плаќаат такса од 400 јуани (56 долари) по нето тон за секое пристигнување во кинеските пристаништа, соопшти Министерството за транспорт на Кина.

Таксите за истиот брод ќе се зголемуваат петпати и до 2028 година предвидено е да достигнат до 1.120 јуани (157 долари) по нето тон. Мерата ќе стапи во сила на 14 октомври, истиот ден кога САД треба да почнат да наплаќаат такси за кинеските бродови.

Во соопштението на кинеското Министерство за транспорт се наведува дека таксите за американските бродови се „контрамерки“ како одговор на „погрешните“ практики на САД, кои „сериозно ќе им наштетат на легитимните интереси на кинеската бродоградба“ и „сериозно ќе го нарушат“ меѓународниот економски и трговски поредок.

Според планот на Вашингтон, на бродовите во сопственост или под кинеска управа ќе им бидат наплаќани по 50 долари по нето тон во секое американско пристаниште, што ќе се зголемува за 30 долари по нето тон секоја година до 2028 година.

Пекинг вчера објави нови ограничувања за извоз на ретки минерали, како и нови ограничувања за извоз на некои видови литиумски батерии и опрема за нивно производство.