Skip to main content
Свет

Трамп ја нарече Шпанија „ужасен партнер“, а неколку часа подоцна ја пофали

09/07/2026  10:16

Американскиот претседател Доналд Трамп за само неколку часа го промени тонот кон Шпанија, откако претходно ја нарече „ужасен партнер“ во рамки на спорот околу издвојувањата за одбрана во НАТО.

Критиките на Трамп следуваа поради ставот на шпанската влада дека нема да ја поддржи неговата иницијатива земјите-членки на Алијансата да издвојуваат 5 проценти од бруто-домашниот производ за одбранбени цели. Според него, Шпанија не придонесува доволно и не ги исполнува очекувањата на сојузниците.

„Шпанија е единствената земја која не се согласува да плати. Мислам дека тоа е ужасно за НАТО. Тие имаат многу давање, а многу малку земање. Искрено, мислам дека Шпанија е ужасен партнер“, изјави Трамп.

Но, само неколку часа подоцна, на враќање од Анкара кон Вашингтон, американскиот претседател излезе со сосема поинаква порака.

Трамп изјави дека Шпанија во меѓувреме направила значителен чекор и прифатила важно финансиско барање, поради што, како што рече, целосно се „искупила“.

„Морам да признаам дека имав проблем со Шпанија, и сè уште имам, но денес Шпанија целосно се искупи. Денес беше многу дарежлива и се согласија на значајно финансиско барање, а доколку не го стореа тоа, немаше да разговараме со нив“, изјави Трамп.

Неговата нагла промена на ставот доаѓа по интензивните разговори меѓу сојузниците за зголемување на одбранбените буџети, прашање кое беше една од главните теми на самитот на НАТО.