Skip to main content
Македонија

Тошковски: За секој што ќе биде утврдено дека е одговорен ќе има законски последици

22/07/2026  09:56

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како дел од владината делегација, денеска престојуваше во Гостивар, каде заедно со министрите Муамет Хоџа и Сашо Клековски, директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски и портпаролката на Владата Марија Митева, ја координираа институционалната реакција по загадувањето на водоснабдителниот систем во општината.

Тошковски информираше дека Владата веднаш по препораката на Групата за проценка прогласила кризна состојба на територијата на Општина Гостивар, со цел сите државни ресурси и експертски капацитети да бидат ставени во функција за што побрзо нормализирање на состојбата.

„Државата се вклучи со сите свои капацитети затоа што наш приоритет е што побрзо да ја нормализираме состојбата и да обезбедиме безбедна вода за граѓаните. На терен веќе работат експертски тимови кои вршат детални анализи на водоснабдителниот систем и земаат мостри на повеќе локации. Нема да носиме избрзани заклучоци, туку ќе постапуваме исклучиво врз основа на стручните анализи и препораките на експертите“, изјави Тошковски.

Тој порача дека граѓаните треба доследно да ги почитуваат препораките на Агенцијата за храна и ветеринарство и здравствените власти сè додека надлежните институции не потврдат дека водата е безбедна за употреба.

„Ниту ќе шпекулираме, ниту ќе даваме проценки кога водата ќе може повторно да се користи. Граѓаните ќе бидат навремено информирани веднаш штом експертите ги завршат анализите и ќе потврдат дека се исполнети сите услови за безбедна употреба“, нагласи министерот.

Во однос на истрагата за случајот, Тошковски истакна дека Министерството за внатрешни работи постапува во целосна координација со Јавното обвинителство.

„Министерството за внатрешни работи продолжува интензивно да обезбедува докази, додека Јавното обвинителство ја води постапката согласно своите законски надлежности. За секој за кого ќе се утврди одговорност ќе се постапува согласно закон, без исклучок“, порача министерот.

Од Владата посочија дека институциите ќе останат целосно ангажирани и ќе обезбедуваат поддршка сè до целосно надминување на кризата и нормализирање на водоснабдувањето во Гостивар.