Skip to main content
Македонија

Тошковски: Македонија со речиси двојно повеќе жртви во сообраќајот од ЕУ

16/12/2025  16:45

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од собраниската говорница порача дека е неопходно што поскоро да започне имплементацијата на проектот „Безбеден град“, нагласувајќи дека станува збор за системска мерка која директно се однесува на заштита на човечките животи.

Тошковски ова го истакна одговарајќи на пратеничко прашање од Илир Хасани од Европскиот фронт, кој како лекар-трауматолог даде поддршка за проектот, пренесувајќи и одредени забелешки и реакции од граѓаните.

Министерот се согласи дека со имплементацијата се доцни, посочувајќи дека многу земји членки на Европската унија вакви системи вовеле уште пред десет, па и повеќе од 15 години. Според него, доцнењето не се мери во месеци, туку во најмалку една деценија, што дополнително ја нагласува итноста од негово воведување.

Тој информираше дека за време на тест-периодот од 15 до 16 дена, врз основа на констатации од медицински лица, бил забележан пад на бројот на лица со тешки телесни повреди во сообраќајни несреќи. Тошковски потсети дека во изминатите 15 години во Македонија просечно годишно животот го губат околу 145 лица во сообраќај, што, како што рече, ја позиционира земјата меѓу најлошите во Европа според овие статистики.

Министерот нагласи дека проектот „Безбеден град“ не смее да се третира како политичко прашање, ниту низ етничка или професионална призма, туку исклучиво како механизам за спасување човечки животи. Тој повика на поддршка од сите пратеници, без оглед дали се од власта или од опозицијата, истакнувајќи дека Собранието треба да ги донесе неопходните законски решенија за почеток на проектот, а евентуалните слабости да се надминуваат во текот на неговата примена.

Како споредба, Тошковски наведе податоци од европските земји, според кои во Хрватска годишно гинат околу 65 лица на милион жители, во Словенија околу 55, во Германија и Австрија меѓу 40 и 45, во скандинавските земји околу 20, додека во Македонија просекот изнесува околу 80 загинати на милион жители, континуирано во последните 15 години.