
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со министерот за спорт Борко Ристовски остварија работна посета на Центарот за обука на МВР, каде што е во тек сеопфатна реконструкција на постоечките капацитети. Овој центар е клучна алка во системот на безбедност, каде што се обучуваат и подготвуваат идните полициски службеници и токму затоа вложувањето во неговата инфраструктура е вложување во стабилноста и безбедноста на државата.

„Со министерот разговаравме за можностите за меѓуресорска поддршка, особено во делот на спортската инфраструктура, односно спортските терени, полигонот, игралиштата и базенот. Особено загрижува состојбата со базенот, кој иако бил реновиран претходно, воопшто не е ставен во функција и оставен е да пропаѓа. Заеднички констатиравме дека со релативно мали инвестиции, овој сериозен капацитет може повторно да се стави во функција и да стане дел од системската подготовка на полициските кадри.”, потенцираше министерот Тошковски при посетата.
Министерот Тошковски нагласи дека целта е изградба на модерен, целосно опремен и функционален центар за обука, кој во иднина ќе има и регионално значење и дека преку соработка помеѓу институциите, со јасна визија и одлучност, можеме да изградат услови што ќе одговорат на современите потреби.