
Состојбата во работните простории на Македонска радио-телевизија е алармантна и нехумана, откако објектот со децении бил запоставен без сериозно одржување. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го изјави директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најавувајќи целосна реконструкција на зградата, како и изградба на нова монтажна гаража.
Томовски се согласи со неодамнешните оценки изнесени на јавната седница на Програмскиот совет на МРТВ, каде било посочено дека условите во дел од канцелариите се толку лоши што „ниту куче не би издржало осум часа“.
„Зборуваме за простории кои буквално не се искречени повеќе од 50 години. Нашата идеја е сукцесивно, една по една, да ги иселиме институциите кои се привремено таму и да ги сместиме на други локации за да се ослободи простор. Потоа ќе пристапиме кон комплетно реновирање на целата зграда“, истакна Томовски.
Според него, реконструкцијата ќе се спроведува по моделот кој веќе бил применет од Министерство за внатрешни работи во делот за издавање лични документи.
Како прв значаен чекор во подобрувањето на условите, директорот на СОЗР посочи дека по цели 75 години конечно се ставени во функција сите шест лифтови во дваесеткатницата на МРТВ. Во изминатите осум години, како што рече, функционирале само два или три лифта.
Процесот на санација ќе започне од покривот, кој во моментов прокапува и претставува најголем ризик за објектот.
„Моментално проектираме решенија за покривот бидејќи зградата прокапува. Штом ќе го средиме покривот и ќе го заштитиме објектот, започнуваме со реновирање на сите простории со систем ‘од горе надолу’. Тоа е реално корисна зграда на одлична локација и мора да ја заштитиме“, објасни Томовски.
Паралелно со реконструкцијата, СОЗР работи и на решавање на проблемот со паркирањето околу МРТВ. На плацот каде неодамна беа расходувани и продадени 104 стари службени возила како старо железо, Владата планира изградба на нова монтажна гаража.
Иако според деталниот урбанистички план на Општина Центар на таа локација е предвидена класична катна гаража со маркет, Владата решила да оди со побрзо решение – челична монтажна конструкција со капацитет од 400 до 500 возила.
„Не знаеме кога и дали таа предвидена катна гаража би се направила, па затоа пристапивме кон проект за монтажна гаража која ќе се изгради многу побрзо. Ова е клучно, бидејќи кога зградата на МРТВ ќе ја ставиме во целосна функција, без паркинг таму ќе настане вистински сообраќаен хаос“, изјави Томовски.
Тој најави дека во текот на летото треба да заврши проектирањето и усогласувањето на процедурите со Општина Центар и Министерство за транспорт и врски, по што во септември или октомври би бил распишан тендер за избор на изведувач.


