Здружението Геостратешки Институт ГЛОБАЛ по трет пат организира спортски самит, оваа година насловен како „Today’s Sport“, кој се одржува во Скопје. Самитот се фокусира на клучни теми поврзани со спортот, вклучувајќи спортска дипломатија, инвестиции, спортски менаџмент, спортско право, финансии и образование во спортот. Овие аспекти се клучни за развојот на професионалната спортска практика, што го прави настанот уникатен на регионално ниво.
На настанот учествуваат еминентни професори и експерти од Македонија, Балканот и Европската Унија, а исто така се организираат и панел дискусии и дебати со спортски новинари и спортски здруженија.
Претседателот на Геостратешкиот Институт ГЛОБАЛ, професорот Иван Атанасовски, истакна дека претходните два самита донеле значајни промени, како воведувањето на нови модели за финансирање во спортот и иницијативи за формирање министерство за спорт.
- „Секогаш треба да имате нови цели. Годинашниот самит е посветен на поврзувањето на спортот со образовниот процес. Овде со нас се студенти, професори и декани, што е одлична можност да генерираме нови профили и професии потребни за модерниот спорт. Ова е нашата цел која верувам дека ќе ја постигнеме и ќе ја надградуваме во иднина,“ изјави Атанасовски.
Настанот доби поддршка од повеќе градоначалници, министри, спортски работници, како и од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов и заменичката амбасадорка на Соединетите Американски Држави, Никол Варнес.
„Today’s Sport“ не е само конференција туку и платформа за иновации во спортот, која отвора простор за нови идеи, партнерства и развој на спортскиот сектор во Македонија и пошироко.