
Четири лица загинале во тешка сообраќајна несреќа што доцна синоќа се случила на скопската обиколница, во близина на Радишани.
Според првичните информации, патничко возило марка „бмв“ директно се судрило со камион, по што автомобилот се запалил.
Несреќата се случила околу половина час пред полноќ, а на местото веднаш интервенирале екипи на полицијата, противпожарната служба и Итната медицинска помош. Од силината на ударот, возилото целосно изгорело.
Засега нема официјална потврда од Министерството за внатрешни работи за идентитетот на жртвите. Сè уште не е познато дали станува збор за семејство или група млади лица, а според првичните информации не се исклучува можноста меѓу загинатите да има и деца.
Истражните органи во текот на ноќта извршиле увид на местото на несреќата, а се очекуваат повеќе детали во текот на денот.


