
Денешниот протест во кочанското село Тркање, организиран од страна на група незадоволни граѓани поради катастрофалната состојба на пазарскиот пат, помина со зголемени тензии и конфликти.
Жителите го блокираа патот кој започнува кај компанијата „Амфенол“ и минува во непосредна близина на нивните домови, продолжувајќи кон излезот на стариот пат Кочани – Штип. Според нив, патот е во очајна состојба и со години не добил никаква санација, иако секојдневно се користи од стотици жители и возачи.
На протестот присуствуваше и градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, заедно со претставници од локалната самоуправа. Наместо дијалог, неговото доаѓање предизвика дополнителни тензии.
– Јас на ваков начин нема да дискутирам. Ваше е правото да протестирате, но кога ќе разговарате нормално и институционално, тогаш ќе го решаваме проблемот – изјави Крстевски, откако беше вербално нападнат од група жители кои инсистираа на итна интервенција.
Протестот, како што најавија организаторите, ќе продолжи секојдневно од понеделник, 12 мај, во два термина: од 13:45 до 16:15 часот и од 21:45 до 23:15 часот, сè до исполнување на нивните барања и асфалтирање на патниот правец.
Граѓаните велат дека нема да се повлечат додека не добијат конкретен план за решавање на проблемот од општината.