Skip to main content
Македонија

ТДП реагира на лидерската средба: Власта го заборава мултиетничкиот карактер на државата

14/01/2026  21:53

Демократската партија на Турците (ТДП) реагира на лидерската средба организирана на иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оценувајќи дека форматот на состанокот е неприфатлив бидејќи не вклучува ниту една политичка партија или пратеник што ги претставува малцинските заедници.

Од ТДП посочуваат дека средбата има за цел разгледување на прашања од исклучително значење за демократското функционирање на државата, како што се реформите во судството, измените на Изборниот законик и именувањата во институцијата Народен правобранител.

„Фактот што во постојниот формат не е поканета ниту една партија или пратеник од редовите на малцинските заедници претставува неприфатлива состојба“, се наведува во соопштението.

Партијата потсетува дека Република Северна Македонија е изградена врз принципите на мултиетничност, демократски традиции и заедничка визија, а турската и другите малцински заедници низ историјата биле конструктивен дел од државноста.

Од ТДП нагласуваат дека прашањата поврзани со судството, изборното законодавство и Народниот правобранител мора да се обликуваат преку вклучување на сите клучни општествени чинители, а не само на политичките партии.

„Исклучувањето на претставниците на малцинските заедници од ваков значаен состанок е спротивно на принципите на демократско учество и партнерство во управувањето со државата“, стои во реакцијата.

Како единствена политичка партија со пратеник што ја претставува турската заедница, ТДП најавува дека ќе преземе иницијативи за обезбедување активно учество во процесите на одлучување и за гарантирање правична застапеност на правата на малцинствата.

Партијата ја повикува Владата да воспостави механизам што ќе обезбеди претставеност на малцинските заедници во креирањето на државните политики и да примени инклузивен пристап што ќе го зајакне демократскиот плурализам.

„Демократска, инклузивна и правно заснована држава е од стратешко значење и за општествениот соживот и за европските интегративни цели на Република Северна Македонија“, порачуваат од ТДП.