
За еден месец од формирањето на Работниот тим (Task Force) за сузбивање на недозволената трговија со дрога, полицијата запленила повеќе од 43 килограми марихуана, а 241 лице било приведено или лишено од слобода по различни основи поврзани со нарко-криминалот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, во изминатиот месец биле спроведени повеќе координирани акции низ државата, со цел откривање дилерски мрежи, прекинување на каналите за снабдување и спречување на понатамошната дистрибуција на наркотични дроги.
Меѓу поголемите акции е пресекувањето меѓународен транспорт на околу 25 килограми марихуана на граничниот премин „Деве Баир“.
Во акциите биле запленети вкупно 43,3 килограми марихуана, 693,37 грама кокаин, 141,42 грама хашиш, 691,34 грама амфетамин и 50 грама халуциногени печурки. Одземени биле и 541 таблета екстази, 69 ЛСД таблети, 14 таблети МДМА, како и 116 пакувања со различна растителна, прашкаста и грутчеста материја, кои дополнително се вештачат.
За еден месец биле поднесени 21 кривична пријава против 29 лица и извршени 131 претрес на домови и други простории. Полицијата извршила и 935 прегледи на возила и 1.078 прегледи на лица.
Вкупно 241 лице било приведено или лишено од слобода по различни основи поврзани со недозволената трговија со дрога.
На подрачјето на СВР Скопје, покрај наркотични дроги, при претресите биле пронајдени и одземени 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари, два пиштоли и шест дигитални ваги.
Во рамките на активностите на Task Force било пронајдено и 41-годишно лице од Кочани по кое била распишана меѓународна потерница. Според МВР, лицето претходно избегало од полициска станица, каде било лишено од слобода поради сомнение за недозволена трговија со дрога. По потрагата, повторно било пронајдено и лишено од слобода.
Од МВР најавуваат дека активностите на Работниот тим ќе продолжат со засилени контроли и координирани акции, како и преку финансиски истраги и меѓународна полициска соработка.
