![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/12/arben-taravari-1-scaled-1-1024x715.jpg)
Министерот за здравство Арбен Таравари нема информации од Клиниката за токсикологија за труење млади пациенти поради опасниот предизвик со „парацетамол“ на „Тик-ток“.
Таравари, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека првпат слуша за тоа, а и самиот не ја користи платформата „Тик-ток“.
Претходно, докторот Нико Беќаровски предупреди на опасниот предизвик што почнал од почетокот на оваа година, а се однесува на внесување големи дози „парацетамол“. Тој вели дека колку и да звучи чудно, труењата со „парацетамол“ се меѓу најсмртоносните труења со лекови.
„Дури и мали дози, 10-15 таблети, предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. 20-40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување. Секоја година 30-50 отсто од акутните трансплантации на црниот дроб во САД и Европа се прават поради труења со овој лек! Затоа, контролирајте ги вашите деца пред да ни се случи нова трагедија“, се вели во објавата на докторот.
Додава дека ако сепак се случи труење, а не се поминати 2-4 часа, треба да се интервенира со 10 таблети медицински јаглен и АЦЦ (2 кесички) и итно да се побара лекарска помош. Секундите некогаш значат спасен или изгубен млад живот.