Skip to main content
Македонија

Судскиот совет веќе ги разгледува списите од претходните случаи на обвинетиот Васил Јованов, вели Камбовски

05/02/2025  13:27

По изнесените забелешки во јавноста во врска со претходните судски случаи на обвинетиот за сообраќајката на „Партизанска“ Васил Јованов, каде животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова, денеска, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, посочи дека комисија на Судскиот совет веќе ги разгледува списите и ќе постапи по сите забелешки на јавноста.

Камбовски посочи дека утре Судскиот совет ќе формира комисија која ќе ги разгледа сите списи, по што ќе излезе со став дали имало пропуст во претходните судски постапки на обвинетиот Васил Јованов.

– Започнавме со разгледување на случаите, а утре и формално ќе биде формирана комисија од страна на Судскиот совет и по извршениот увид во сите тие списи ќе излеземе со став дали имало пропуст или немало. Ќе бидат разгледани сите забелешки кои што беа изнесени во јавноста и по сите нив ќе се постапува, рече Камбовски.